На стартот на шеесетите години, кога во Македонија се отвораат 35 средни стручни училишта и 18 гимназии, во Делчево, Народниот одбор на Делчевската оштина во април 1961 година донесува одлука во учебната 1961/1962 година да започне со работа првата Гимназија “Браќа Миладинови”. Овој историски образовен меѓник е во функција на стопанската преродба и вкупниот општествен развој на градот во кој едно по друго се отвораат неколку значајни претпријатија и индустриски капацитети.
Во 1963 година Гимназијата го добива името на првоборецот од НОВ од Делчево, Методи Митевски Брицо, кој е исклучително заслужен за повоениот развој на ова заостанато подрачје.
Развојот на средното образование го карактеризираат три фази. Првата е отворањето на Гимназијата во учебната 1961/1962 до учебната 1966/1967 година, кога во Македонска Каменица се отвораат подрачни паралелки, а Гимназијата прераснува во Училишен центар за средно образование
Првата учебна година во Гимназијата “Браќа Миладинови” се запишуваат само четири паралелки нови средношколци, со само еден професор со високо образование, еден земјоделски инжинер за предметот Биологија, еден дипломиран Правник за настава по Општествено уредување, двајца апсолвенти, четири одбрани наставници од основното образование и еден стручен учител, кои се вклучени во наставниот процес.
Втората учебна година продолжува со двајца професори и главно истиот наставен кадар од првата. Веќе во третата година на Гимназијата се исполнуваат нормативите, бидејќи тоа го наложуваат критериумите за верификација на училиштето од повисоките просветни органи во државата. Се обезбедува поголем број соодветен наставен кадар, опрема и нагледни средства. Во второто полугодие веќе работат 9 професори со соодветно образование што создаде услови за верификација на училиштето. Но, на стартот на четвртата учебна година, бројот на професорите повторно се намалува поради тоа што повеќето високостручен кадар доаѓа од другите градови и по една-две години работа заминува во поголемите центри во државата. Стабилно професорско јадро Гимназијата обезбедува во седумдесетите години кога во Делчево се враќаат дипломирани кадри кои тука завршиле средно училиште.
Со отворањето на Подрачните паралелки во Каменица, се врзува почетокот на втората фаза од развојот на Гимназијата Методи Митевски Брицо, која прераснува во Училишен центар. Во Подрачното училиште се отвораат гимназиски паралелки, а подоцна и за угостителски работници-готвачи и келнери од трет степен. На почетокот дисперзираните паралелки работеа во бараки, за по реновирањето и проширувањето на зградата на осмолетката, да се преместат во соодветни училници.
Просветно-образовните истражувања и експерименти во осумдесетите години на одреден период го укинаа гимназиското образование, што предизвика соодветни поместувања во школувањето на завршените осмоодделенци. Меѓутоа по само неколку години барање соодветни решенија, во името на слободната размена на трудот се премина на прилагодување на средношколските кадри спрема потребите на стопанството. Тоа доведе до формирање на тригодишен смер за лозоовоштарство. Во учебните 1982/1983, 1983/1984 и 1984/1985 завршуваат вкупно 73 лозоовоштари, но нереализираниот развој на оваа стопанска, односно земјоделска гранка, не овозможи ефектуирање на кадарот кој остана без работа, а како последица на сето тоа дојде до укинување на овој смер.
Од 1985/1986 до 1991/1992 следува нов проект за образование на правни техничари од четврти степен, кој го завршуваат 313 ученици.
Во 1982/1983 година се отвори смер за текстилни техничари, кој го завршуваат 27 ученици. Од 1985/1986 до 1994/1995 година трет степен конфекционери завршиле вкупно 458 ученици. За четири години во Училишниот центар трет степен завршиле 149 ученици-ткајачки смер. А во наредните три години уште 103 ученици завршуваат смер за конфекциски техничари.
Во Подрачните паралелки во Каменица во 13 завршни генерации за занимањето готвач и келнер завршуваат вкупно 417 ученици.
Во развојот на Гимназијата Методи Митевски Брицо започнува со враќањето на гимназиското образование.Во двете општини Делчево и Каменица се образува кадар со гимназиско образовани и конфекционери од трет и четврти степен од текстилната струка.
Анализата на работењето на единственото средно училиште во Делчево со паралелките во Каменица,го потврдува исклучителното значење на овој образовен столб за еден од најистурените периферни делови во државата.Училиштето се покажа како непресушен извор на средностручни кадри,од кои значаен дел се потврдија и низ високообразовните институции и во избраните професии,кои ги воздигнаа до самиот врв во рамките на државата.