Во рамките на програмата, од 2 до 4 ноември во Струга се одржа вториот тридневен настан-UPSHIFT Bootcamp за развој и поддршка на социјални иновации поврзани со ВОЗДУХОТ каде 10 средношколски тимови беа избрани за финалисти на отворениот повик на програмата. Меѓу десетте финалисти( по претходно поднесена апликација) беше избран и тимот од СОУ,, Методи Митевски Брицо,, од Делчево:Ива Ивановска III 2 клас,Дамјан Маневски III 2 клас,Горјан Малешевски, III 2 клас, Ева Ивановска II 2 клас и Мариа Магдалена Стоименовски II 2 клас, а под менторство на проф.Билјана Ивановска. Како подготвителни активности претходно учениците имаа 5 дена да направат над 100 интервјуа и анкети од граѓани, институции, ученици, професори кои дадоа свое мислење и предлог за подобрување на амбиенталниот воздух во општината. На сите кои излегоа безрезервно со своите идеи и дадоа поддршка на тимот сме им бескрајно благодарни. Учениците своето предлог решение го насочија кон прочистување на амбиенталниот воздух за време на грејната сезона. Пет тима беа прогласени за победници од страна на стручно жири врз основа на презентациите и потенцијалот на решението.СОУ „Методи Митевски-Брицо“ – Делчево ќе креира ученичка компанија која ќе поставува електростатски филтри на ќунците на печките. Најпрво тоа ќе го реализира во своето училиште, основните училиште, детската градинка и центарот за лица со посебни потреби. Останатите 20 филтри ќе бидат поставени во домаќинствата за да се согледа нивната практичност и ефикасност. Поставените филтри ќе прочистуваат 99% од штетните честички.Победницитe добија по 120.000 денари и тримесечно менторство за развој на социјалните иницијативи во своите заедници.Bootcamp-от го отворија претставници од УНИЦЕФ, Амбасадата на Шведска и Фондот за иновации и технолошки развој со чија поддршка се спроведува програмата.„Младите во Северна Македонија, како и насекаде во светот, бараат да се преземе акција за да можат да дишат чист воздух и да живеат во здрава, одржлива животна средина“, рече Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ. „Драго ни е што децата и младите реагираат со ентузијазам на овој циклус на UPSHIFT и повторно покажаа дека, кога ќе им се даде простор да се изразат и да учествуваат, имаат капацитет да создаваат иновативни идеи и решенија“.„Ме прави навистина горд што преку UPSHIFT програмата и оваа година успеавме да им дадеме шанса на голем број млади претприемачи да работат на иновативни решенија на тема која нè засега сите, а особено младите и децата, кои имаат основно право на здрава животна средина, чист воздух, храна и вода. Ние во Фондот се обидуваме постојано да бидеме отворени кон нови иницијативи и идеи на младите, креативни умови, кои имаат амбиција да креираат успешна и просперитетна генерација која ќе креира долгорочни позитивни промени за целото општество. Верувам дека на младите луѓе треба да им се даде шанса и простор и исто така верувам во нивниот потенцијал и енергија да создадат големи промени”, истакна Фестим Халили, директор на Фонд за иновации и технолошки развој.Говорејќи на отворањето на настанот, амбасадорката на Шведска во Северна Македонија Ами Ларсон Јаин ја истакна важноста од справување со загадувањето на воздухот и им се заблагодари на средношколците што го инвестираат својот ум и својата креативност во креирање иновативни решенија за колективната задача за борба против загадувањето на воздухот и климатските промени„Загадениот воздух е предизвик во речиси сите градови во земјата. Земајќи го ова предвид нашите средношколци изработија иновативни решенија кои ќе придонесат за дишење почист воздух во своите средини. Тие покажаа дека кога ќе им се даде можност, знаат да се активираат и да размислуваат претприемнички“. изјави Иван Јованов, извршен директор на Здружение ЛЕАД, имплементатор на програмата.Програмата ја реализира Здружението Лидери за едукација, активизам и развој (LEAD) во рамки на проектот „Охрабрување на децата и младите во Северна Македонија да станат двигатели на промените за намалување на ранливоста на заедниците од климатските промени“ спроведуван од УНИЦЕФ со финансиска поддршка од Шведска и Фондот за иновации и технолошки развој .