За мајчиниот јазик

Мајчиниот јазик е дел од културниот идентитет на луѓето, точка на препознавање, различност, но и толеранција и разбирање.

Јазикот е показател на идентитетот, на припадноста кон одредена нација. Во оваа смисла, не е доволно само да го поседуваш богаството, уште поважно е да се негува и зачува за наредните генерации. Секое богатство ако не се негува и надополнува понатаму – кога и да е, ќе се истроши или ја изгуби својата моќ. Па така и јазикот. Без натамошно континуирано вложување во тоа богато наследство, настанува ситуација на губење на јазичната вредност.

Јазикот е културно наследство во кое што се обединува духовната и материјалната култура на човештвото. Мајчините јазици, исто како и јазичната разноликост, се исклучително важни за идентитетот на секоја индивидуа. Како извори на креативност и алатки за културно изразување, тие се подеднакво важни за здравјето на општествата. Јазиците се посебно важен развоен фактор и фактор за соработка. Знаеме колку е важно образованието на мајчин јазик за самите резултати при учењето. Учењето на мајчиниот јазик е моќна алатка во борбата против дискриминацијата и за подем на маргинализираните популации. Како неисцрпни врутоци на знаење, јазиците се воедно и појдовни точки за поголема трајност на развојот, за похармонично менаџирање на нашите односи со околината и со промената.

На 30. сесија на Генералната конференција во 1999 година, УНЕСКО го прогласи 21 февруари за Меѓународен ден на мајчиниот јазик и од наредната 2000 година беше промовиран во Ден на лингвистичка и културна разновидност и мултилингвизам.

Датумот е избран во спомен на трагичните демонстрации на студенти од Универзитетот во Дака, кои како учесници на бенгалското јазично движење биле убиени од полицијата на 21 февруари 1952. Протестот бил против одлуката на владата на новоформираната држава Пакистан во 1948 – урду да стане единствен официјален јазик во земјата која била поделена на голем број етнички и лингвистички групи, а најголем број од жителите биле Бенгали со мајчин бенгалски јазик.

Во Декларацијата на УНЕСКО за културна разновидност, меѓу другото, е наведено правото на секоја личност да се изразува и да создава на јазик што ќе го избере, а особено на мајчин јазик. На половината од околу шест илјади јазици што се зборуваат во светот им се заканува исчезнување, а во околу 200 земји се зборува за мали јазици, т.е. јазици со мал број говорители кои се соочуваат со предизвик да бидат зачувани.

Јазикот јет средство, со које није познааме, шчо мислит, шчо осек’ат и шчо сакат нашијот собеседник. Да сочуат некој својот народен јазик и да го бранит као светијн’а, значит, да останит он вepeн нa дуот на својите предедовди и да уважаат се, шчо имаат они напраено за својето потомство. Да се откажит чоек от својот народен јазик, значит, да се откажит он и од народнијот дух. Милоста кон народнијот јазик јет наш долг и наше прво. Није сме должни да милуаме нашијот јазик, зашчо тој јет наш, исто така, као шчо ни јет наша таткоината ни.

(К. П. Мисирков, „Неколку зборои за македонцкијот литературен јазик“)