Манифестацијата за популаризација на природните науки „Ноември – месец на науката“, е во организација на Македонското географско друштво, Македонското биолошко друштво, Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија, Друштвото на физичарите на Република Македонија, Сојузот на математичари на Македонија, Македонското астрономско друштво, Скопското астрономско друштво, Македонското еколошко друштво, Истражувачкото друштво на студенти географи „Природник“, Истражувачкото друштво на студенти биолози, и Природно-математичкиот факултет.
Настанот е наменет за учениците од основните и средните училишта и наставниците по природни науки, биологија, хемија, географија и математика. Оваа година настанот се одржа на Природно-математичкиот факултет во Скопје и тоа на 29 и 30 ноември за ученици од I-IV година. Истиот вклучуваше повеќе настани:
– научно-популарни предавања,
– натпревар во експеримент/изработка/ симулација/модел од ученик (во понатамошниот текст – експерименти),
– презентации на искуства од наставници,
– работилници,
– посета на лаборатории на ПМФ и
– други активности.
Делот од настанот „Ноември – месец на науката“ од областа на физика за учениците од средните училишта се одржа на 29 ноември во рамките на 43 Школа на млади физичари.
Секој поднесен опис на експеримент беше рецензиран од стручна рецензентска комисија. Само позитивно оценетите експерименти беа прикажани на настанот.
Секој ученик и секој наставник кој учествуваше на „Ноември – месец на науката“ доби сертификат за учество на настанот (за изведување експеримент, учество во работилница или како набљудувач), а беа доделени дипломи и награди на најдобрите учесници на натпреварот во експериментите од одредена област, како и на нивните ментори.
Нашите ученици постигнаа особено високи резултати и тоа :
- Прва награда за ученичките Ангела Ефтимовска и Михаела Димитровска од IV година за експериментот Рубенова цевка
- Втора награда за ученичките Сандра Милошева и Елена Анакиевска од IV година за експериментот Вакумска правосмукалка
- Трета награда за учениците Антониј Цонев и Марија Мишева од II година за експериментот Електричен воз
- Ментор на сите наградени ученици е професорот по физика Роберт Цветковски кој исто така доби прва награда за постигнатиот успех
Делот од настанот „Ноември – месец на науката“ од областа на биологија и математика за учениците од средните училишта се одржа на 30 ноември.
Ученичката Верица Ѓеоргиева под менторство на професорката по биологија Марина Конева освои прва награда за својот експеримент од областа на биологијата.
Експеримент се состоеше во докажување на влијанието на температурата и pH врз дејство на ензимите.Со експериментот успешно се докажа зависноста на pH и T со активноста на ензимите. Натпреварот имаше две етапи односно презентација на експериментот и поставување на прашања од страна на комисијата која за презентацијата и за одговорените прашања доделува поени.
Ученичката Евгенија Пандова освои втора награда од областа на математиката за нејзиното истражување за Седум мостови на Кенинсберг — математичка загатка и еден од позначајните историски проблеми во математиката. Градот Кенинсберг во Пруисија (денес Калинград, Русија) бил сместен на двата брега на реката Прегел во којашто се наоѓаат два големи острови — Кнајпхоф и Ломзе — коишто биле поврзани еден со друг или со крајбрежните делови на градот со седум мостови. Проблемот се состои во осмислување на прошетка низ градот, така што секој од мостот ќе биде преминет само еднаш. Притоа, за неприфатливо решение на проблемот се смета она коешто вклучува:
- пристигнување до остров или крајбрежен дел на градот без да се премине преку мост; или
- пристапување на било кој мост без да се премине преку неговиот друг крај.
Ојлер докажал дека проблемот нема решение. Тешкотијата со која се соочил бил развојот на соодветна техника на анализа и на последователните тестови кои го воспоставиле тврдењето со математичка строгост.
Успехот на нашите ученици под менторство на нашите особено ангажирани професори е неминовен, затоа што тие секојдневно ги поттикнуваат и влеваат неверојатно чувство на амбиција со една преданост од која произлегува љубов кон професијата, а тоа се огледува во успехот на нашите ученици.
Честитки за сите ученици и заедно да продолжиме да учествуваме во афирмацијата на нашите науки!