Со низа активности предвидени во проектот „Интернет суперхерои“, Делчево се вклучува во борбата со лажните вести и дава свој придонес во медиумската писменост во рамките на Деновите на медиумската писменост кои во нашата држава се спроведуваат во периодот од 22 октомври до 15 ноември. Денеска во организација на Регионалниот центар за застапување од Делчево во СОУ “Методи Митевски – Брицо” – Делчево се одржа јавна презентација на проектот „Интернет суперхерои“, кој ќе се имплементира наредните 5 месеци со можност младите да се вклучат во различни работилници, кинопроекции, инфоденови, дебати, советувања и други настани кои обработуваат различни аспекти од медиумската писменост.
Медиумски партнер на проектот е регионалната ТВ Стар, а проектот предвидува подготовка на 5 емисии од различни аспекти на медиумската писменост, изработка на промотивен материјал, како и организација на неделна кампања „Интернет суперхерои“. Родне Деолска од РЦЗ, координатор на проектот, истакна дека потребата да се работи на ваков проект произлегува, пред сѐ, од големиот број лажни вести и пропаганда со што паралелено се зголемува и потребата од медиумски писмени граѓани кои критички ќе ги оценуваат медиумските содржини.
Во регионот има млади со вештини на техничко ниво, знаат да работат со компјутер, да пишуваат документи, да пребаруваат на интернет, но со нив дополнително треба да се дискутира како се раѓаат и пишуваат вестите, како се декодира конкретна содржина, како да се заштитат од сајбер-насилство или како се одредува лажна вест.
Образованието, односно училишните клупи се најсоодветното место за градење аналитичко размислување, препознавање на лажните информации и логичките грешки. Со активни и медиумски писмени млади луѓе ќе дојде до генерации кај кои пропагандата ќе има мало влијание. Токму затоа овие денови на медиумска писменост во Делчево почнуваат од училиштата, рече Деолска.
За директорот на гимназијата Љупчо Прачкоски, проектот е чекор плус кон запознавање на младите со терминот медиумска писменост. Ние како средношколски центар ги поздравуваме овие активности, тоа е чекор напред за младите луѓе кои имаат можност преку ваквите активности да ги осознаат лажните вести и да дознаат многу работи што се случуваат во реалноста, а не се пренесени од медиумите како што треба. Благодарејки на ваквиот вид на работилници, младите ќе научат да добиваат правилни информации, а со тоа и правилно да ги пренесуваат на генерациите после нив, истакна Прачкоски.
На овој начин, нашата земја, се вклучува во одбележувањето на осмата Глобална недела на медиумска и информациска писменост на УНЕСКО, а за првпат активности се организираат и во градот Делчево. РЦЗ проектот го имплементира во соработка со Фондацијата Метаморфозис и Евротинк, а финансиран од Европската Унија, а поддршка има и од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.