Многу луѓе веруваат во вистинска љубов, љубов толку голема што може да помести планини и нестрпеливо го чекаат и се радуваат на празникот Св. Валентин за да ја искажат својата бесконечна љубов кон своите сакани. Други веруваат дека во виното е вистината. Пријателите, забавата и виното се на прво место. Нивен миленик е св. Трифун, заштитникот на лозарите и на виното. Трети, пак, веруваат во љубовта, но и во виното и веруваат дека тоа е перфектна комбинација и дека едно без друго не може.
Иако искажувањето љубов, како и забавата и дружбата со пријателите, не треба да се практикува само на овој ден, тие се работи кои нè водат во животот и кои треба да ги искажуваме и покажуваме колку почесто толку подобро, сепак овој ден остава еден белег во претстојната година и сите сакаме да го одбележиме на посебен начин.
Двата светители, кои живееле во исто време, со појавата на западната мода, повторно по 18 века се обединети и во православниот свет се слават во ист ден, кога луѓето љубовта ја чествуваат со убаво вино.
1-ви февруари според стариот календар, или 14-ти февруари според новиот календар е денот на кој се празнуваат празниците свети Трифун и свети Валентин. Свети Трифун претставува православен празник посветен на виното и лозјето, додека свети Валентин е католички празник, ден на кој се празнуваа љубовта и пријателството ширум светот.
Во голем број земји во светот на 14-ти февруари се празнува свети Трифун или свети Валентин, но во последно време на овој ден најчесто се прославуваат двата празника истовремено.
И двајцата светци: и свети Трифун и свети Валентин се свети маченици за верата христијанска. Тие се свети мажи кои си го дале животот за верата. Биле мачени и убиени заради Христа. Пострадале во времето кога христијанството било гонето и кога христијаните биле убивани, само, ако јавно говореле дека се христијани и ако други учеле во верата.
Свети Трифун и свети Валентин живееле во третиот век и правеле многу добрини и чуда, помагајќи им на луѓето, пожртвувано до смрт. Дале сè што имале и себеси се дале, за да им направат добро на другите, водени само од љубов кон луѓето и кон Бога. Такви биле и двајцата: добротвори, чудотворци и маченици. Свети Трифун бил убиен во 250 година, а свети Валентин во 273 година – 23 години подоцна. И на двајцата им била отсечена главата со меч, по наредба од царот.
Точно е дека биле едниот од Исток, а другиот од Запад, но не биле далечни како исток и запад, туку биле едно и заедно во Господа Исуса Христа, за кого и умреле, со иста вера – христијанска.
„Ми велет онје пијан сум,
А ја си не знам какво е Тва пусто, шкуро пијанство!
Саде си зедов крај мене Сафа си винце тиквешко
И си се малку нацицах… “
Констанин Миладинов
Отворете шише добро вино, гушкајте се и уживајте во љубовта и животот.