Организацијата за образование наука и култура на ООН, УНЕСКО неодамна побара од училиштата на глобално ниво да воведат забрана за користење на смартфоните, бидејќи негативно влијаат врз учениците. Во Глобалниот извештај за мониторинг на образованието во изминатите 18 години, во кој предлага сеопфатна проценка и препораки за образованието ширум светот, посебен акцент е ставен на „забраната на мобилните телефони“ и нивното влијание врз образованието. УНЕСКО го поврзува претераното користење смартфони со намален успех, ги изложува децата на насилство и ги прави емотивно нестабилни. Кај нас нема законска регулатива и училиштата сами го одредуваат ова правило. Министерството за образование и наука и Владата во месец мај усвоиле десет препораки со кои се очекува подигнување на безбедноста во училиштата и намалување на врсничкото насилство.
За таа цел во нашето училиште, по претходно формирана комисија, изготвен е ПРАВИЛНИК за употреба на мобилните телефони. Со овој правилник се пропишуваат начинот, правата и обврските на учениците, родителите на учениците и наставниците за правилно користење на мобилните телефони.Тој е донесен со цел да се обезбеди:
• подобрување на дигиталната безбедност,
• јасно дефинирање на прифатлива и дозволена употреба на мобилните телефони
• заштита на корисниците од разни видови онлајн злоупотреба,
• безбедно, одговорно и ефективно користење на мобилните телефони
Според правилникот користењето на мобилни телефони во училиштето за време на часовите од страна на учениците е строго забрането. Телефоните мора да се исклучат за време на часовите. За време на часот ученикот е должен да го остави мобилниот телефон на однапред одредено место во училницата. Учениците имаат можност да користат мобилен телефон за време на наставата, само со дозвола од наставникот, ако има потреба да ја обработат соодветната наставна единица. Учениците имаат право да ги користат своите телефони за комуникација за време на малите одмори и големиот одмор. Строго е забрането фотографирање или снимање на други ученици, наставници или на наставниот процес за време на часовите или за време на паузите, во училиштето или во училишниот двор.
Правилникот е прифатен и од наставниот кадар и од учениците. Во иднина се надеваме на позитивни резултати со тоа што кај учениците ќе се зголеми концентрацијата за време на часот.
Како се справува светот?
Ако се погледне светската мапа, различни земји имплементираат различни закони и мерки за телефони во образовните установи. Некаде одлуките се во рацете на самите училишта, некаде политиките доаѓаат директно од извршната власт. Нема конечна формула за решавање на ситуацијата но се забележува дека забраните главно доаѓаат изминативе 5-6 години.