Насоки за постапување во врска со реализацијата на наставата за време на вонредната состојба

Согласно Уредбата со законска сила за примена на Законот за средно образование за време на вонредна состојба донесена од страна на Владата на Република Северна Македонија и насоките за нејзина примена добиени од Министерстовото за образование и наука, ги објавуваме следните насоки за постапување кои ќе важат за времетраењето на вонредната состојба:

1. Наставата во средните училишта се организира преку далечинско учење односно учење од дома, со примена на средства за електронска комуникација.

Средства за електронска комуникација се средства кои обезбедуваат реализација на наставата без заедничко физичко присуство на учесниците во наставниот процес и кои овозможуваат взаемна двонасочна комуникација.

Средства за електронска комуникација можат да бидат видеоконференциски платформи, електронска пошта или други системи за електронска размена на податоци.

Едукативни алатки кои можат да се користат, а се одобрени / предложени од Владата се:

    – Microsoft Teams – платформа со која можат да се споделуваат документи, презентации и сл.

    – Google Classroom – алатка за е-училница со која може да се врши подготовка, предавање, оценување, следење и анализирање.

    – Google Drive – бесплатен виртуелен простор за прикачување и чување на документи, тестови, распореди, презентации.

    – Edmodo – едукативна платформа за комуникација и размена на содржини меѓу наставниците и учениците, креирање тестови и квизови и сл.

Покрај наведените алатки, можат да се користат и други средства за електронска комуникација кои ќе обезбедат реализација на наставата без заедничко физичко присуство на учесниците во наставниот процес и кои овозможуваат взаемна двонасочна комуникација.

    За периодот на организирање на наставата во средните училишта преку далечинско учење односно учење од дома, наставникот може да изврши оценување научениците.
Со примена на средствата за електронска комуникација може да се спроведат испрашувања, тестирања на учениците или да се користат други форми на утврдување и оценување на знаењето на ученикот.

2. За учениците од завршната година проверката на знаењета во однос на проектната задача ќе се врши со примена на средствата за електронска комуникација, во следните чекори:

    – класните раководители да ги известат учениците изработените проектни задачи да ги достават по електронски пат до менторите најдоцна до 31.03.2020 год.

    – менторите примените проектни задачи наредниот ден да ги испратат на е-маил на одговорно лице за прием на проектните задачи Марија Велкова.

    – Одговорното лице примените проектни задачи ќе ги препрати до претседателот и членовите на формираните комисии за спроведување на проверката на знаењата во однос на проектната задача

    – презентацијата и одбраната на проектната задача ќе се врши со примена на средствата за електронска комуникација (конференциска – групна видео врска со користење на skype, viber facebook messenger, zoom и друго), а ја организира претседателот на комисијата во координација со останатите членови најдоцна до 22.04.2020 год.

    – претседателот на комисијата по завршувањето на одбраната на проектната задача на службениот е-маил на училиштето е должен да достави список со податоци за кандидатите кои полагале, освоени бодови и добиена оценка.

    – претседателот на Училишната матурска комисија резултатите од полагањето на проектната задача ќе ги објави на веб страната на училиштето mmbrico.edu.mk и на официјалната фејсбук страна на СОУ „Методи Митевски – Брицо“ – Делчево