Во рамки на проектот ЕРАЗМУС+ клучна акција 1- Мобилност на поединци за целите на учење, поддржана од Националната Агенција за европски образовни програми и мобилности, за потребите на проектот “Екомода – иновативни техники за производство на облека од еколошки и рециклирани текстилни материјали “, 12 ученици од Текстилно- кожарската струка при СОУ “Методи Митевски-Брицо” – Делчево, на 8ми септември заминаа за Р. Бугарија кадешто во период од две недели ги усовршуваа своите знаења.
На самата плажа имаа игри за запознавање а потоа продолжија со работилница на тема Бизнис и претприемништво во текстилната индустрија, со предавачот Ивајло Најденов.
Учениците имаа научно – културна екскурзија во градот Бургас. Ги посетија најатрактивните места во градот како Морската градина, Општинската зграда, улицата Алеко Покорини, најстариот базар, споменикот Пантеон, Арката на Свети Никола, плоштадот Тројката, плоштадот и црквата Свети Кирил и Методи, Етнографскиот музеј и мапата на сите културно-историски споменици направена на самиот плоштад во форма на мозаик. Посетени беа и трите објекти по кои е познат градот Бургас: часовникот,, компасот и најстариот грамофон.
Првата работилница на нашите ученици беше практична сесија за цртање на текстил.Целта на работилницата беше како да се намали текстилниот отпад. Со помош на текстилните маркери може да го зачуваме нашето омилено парче облека ако е извалкано, скинато или истрошено. Секој од учениците на свое парче облека нацрта креација по сопствена желба.
Нашите ученици денес во Бургас го посетија Меѓународниот младински центар кадешто имаше различни работилници на тема младински политики и младинска работа.Од страна на овој центар имаше организирано и академија во која беше вклучен и магионичарот Зејн.
Учениците имаа работилница-практична сесија за работа со волна. Поделени во групи , тие изработија фигури на снешко и морско коњче.
Учениците имаа активност преку игра наречена Лов на богатство, да завршат одредени задачи, да ги сликаат и снимаат и да ги испратат на одговорната личност. Преку самата игра тие истражуваа места при што значајна беше брзината, снаодливоста, интелигенцијата, комуникацијата , читање мапа. На крај за победничката екипа следуваше награда.
Во Бургас , нашите ученици имаа работилница на тема: Сесија за машинско работење-демонстрација и везење.Текстилниот инженер Вања Никола, сопственичка на фирмата Вајатекс- народни носии , изработува најразлични везови за народни носии, амблеми, везови на секаков вид облека вклучувајќи и капи. Лично таа ги изработува апликациите за везови на програмата SIERRASOFTWARE.Имавме чест пред учениците да ја објасни целата постапка а потоа тие самостојно изработуваа различни везови.
РЕЦИКЛИРАЈТЕ И ПОВТОРНО УПОТРЕБЕТЕ -учениците беа во посета на фабриката TexCycle во Варна. Тоа е единствена фабрика на Балканскиот полуостров која го преработува текстилниот отпад во текстилни влакна за повторна употреба и добивање на неткаен текстил.Учениците се запознаа со целиот процес , од класирање на текстилниот отпад до самото производство.Целиот тим беше воодушевен од начинот на кој може да се намали и рециклира текстилниот отпад, којшто претставува еден од најголемите проблеми на денешниот модерен начин на живот.
Последниот ден од престојот,учениците имаа финални презентации, повратни информации и се здобија со Europass сертификати.