Промоција на безбедна училишна средина

Во рамките на проектот „Промоција на безбедна училишна средина“ , по поднесената апликација и ангажманот на професорките Билјана Ивановска и Весна Димитровска, нашето училиште е селектирано за вклучување во активностите на проектот. Апликацијата е поднесена со цел да придонесеме во остварување на правата на децата за квалитетно образование во безбедна и партиципативна училишна средина. Проектот ќе се фокусира кон креирање на безбеден простор на младите преку активна поддршка за справување на сите форми на насилство врз нив како тема која е актуелна се повеќе во денешно време. Ученичкото учество во процесите на донесување одлуки ќе биде главниот принцип низ кој ќе се води овој проект, овозможувајќи заеднички пристап на учениците и возрасните кон препознавање, превенција и справување со насилство.

❕ЗА ПРОЕКТОТ:

Коалиција на младински организации СЕГА во партнерство со Македонскиот Центар за Граѓанско Образование, Прва Детска Амбасада во Светот МЕЃАШИ и СМАРТ АП – Лабораторија за социјални иновации, со поддршка од Детската Фондација Песталоци, го спроведува проектот „Промоција на безбедна училишна средина“, во периодот септември 2023 – август 2026 година.

Цел на проектот: „Придонес кон остварување на правото на децата за квалитетно образование во безбедна и партиципативна училишна средина.

Проектот ќе се спроведува во соработка со Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието, Државниот просветен инспекторат и Министерството за труд и социјална политика.

Очекувани резултати од проектот се:

[1] Подобрена имплементација на законските одредби за ученичко учество во процесите на донесување одлуки и заштита на децата;

[2] Зајакнати капацитети на средните училишта за превенција и справување со насилство;

[3] Примена на наставни методи и техники кои поддржуваат и промовираат заштита, учество и еднакви можности за сите ученици и ученички.

На 10 и 11 ноември и официјално започнавме со проектните активности во рамки на проектот „Промоција на безбедна училишна средина“ . На дводневната обука од училиштето беа присутни професорката  Весна Димитровска и социологот Наташа Јаневска Колевска.

На првата работилница, претставниците на проектните училишта имаа можност детално да се запознаат со проектните активности и конкретните обврски коишто ќе треба да бидат имплементирани во рамките на училиштата.

На вториот ден од воведната средба со училиштата, претставниците на проектните училишта работеа на развивање акциски планови на училишно ниво и мапирање на можните предизвици кои може да настанат при имплементирањеро на активностите.