Зближување и подобрување на меѓусебната комуникација помеѓу учениците и презентирање на работата на гимназијата во Делчево беше главната тема на разговор во рамки на денешната посета на ученици од Берово и Кочани, како дел од соработката помеѓу гимназиите „Методи Митевски- Брицо“ од Делчево, „Ацо Русковски“ од Берово и „Љупчо Сантов“ од Кочани. Игор Христов , директор на Средното општинско училиште „Љупчо Сантов“ од Кочани изрази задоволство што делчевската гимназија е доследна на идејата да продолжат активностите согласно Меморандумот кој беше потпишан со трите гимназии.
-Со овие средби на некој начин го оживуваме она што е напишано на хартија во Меморандумот. Морам да кажам дека нашите ученици од младинската организација беа изненадени кога има кажав дека ќе разменат искуства со учениците од Делчево и Берово, притоа имајки ја можноста да креираат заеднички практики. Според мене многу е важно учениците меѓу себе да се запознаат и комуницираат, затоа што во свет на глобална комуникација голема штета е ние како воспитно – образовни институции да ја пропуштиме можноста нашите ученици да не се чувствуваат како странци и да знаат кои се и што се, како гимназии од регионот, истакна Христов.
-Мене ми остави впечаток што во вашето училиште имате текстилна и прехранбена струка, бидејки во нашето училиште тоа го нема. Според мене убаво е децата да се насочат и на други работи, не само на пример да учат општа гимназија, затоа што тоа е потребно во нашата држава, рече Пандора Митева, ученичка од гимназијата Љупчо Сантов“
-Училиштата треба да продолжат да соработуваат со цел Истокот да напредува во повеќе сфери од воспитно-образовниот процес, додаде ученикот Андреј Бубевски.
-Ова зближување за нас значи многу, бидејки колку сме повеќе толку е подобро. Исто така оваа иницијатива , која е покрената од директорите на нашите училишта е многу добра, бидејки можеме да соработуваме со деца кои се со високо ниво на разбирање и интелегенција, за остварување многу повеќе во иднина, додаде ученичката Елена Ангеловска.
Директорот на СОУ „Методи Митевски -Брицо, Љупчо Прачкоски изрази надеж дека соработката во иднина ќе продолжи, како преку младинските организации, така и преку реализација на заеднички идни проекти во рамки на институциите од трите општини.
-Во таа насока оваа соработка е многу битна за овој регион, бидејки ние како да се заборавивме дека нашите деца и раководните кадри треба да комуницираат. Уште еднаш благодарност за присуството на директорите од беровската и кочанската гимназија и очекувам таа соработка да продолжи и во иднина, додаде Прачковски.
Во рамки на посетата учениците од Кочани и Берово ја посетија текстилната паралелка, каде учениците презентираа дел од своите наставни активности.