Во изминативе неколку месеци во нашето училиште се започна со реализација на идејата за воведување на училишни униформи. Најпрво предлогот беше изнесен на заедничката родителска средба во месец мај, водена од педагогот и социологот во училиштето. Беше организирана по препораки од МОН за превземење на активности за зголемување на безбедноста и заштитата на учениците во училиштата. Во оваа учебна година предлогот за воведување на училишни униформи беше образложен и прифатен на Наставнички совет, Совет на родители и на Училишен одбор. Униформите се состојат од маици со јака, маици без јака, блуза и дуксер.
Дел од воспитно-образовниот процес секако го опфаќа и аспектот на училишните униформи и спротивставеноста на ставовите кога се тие во прашање: што се добива, а што се губи со нив.
Ако ги гледаме аргументите за и против, кои произлегуваат од многубројните истражувања, без да се навлегува во нивната тежина, испливуваат на површина позитивните аспекти од воведувањето на униформите.
*униформите придонесуваат за атмосферата за учење поради поголемото концентрирање на учениците на учењето, а не на личните аспекти,
*униформите влијаат врз рамноправноста поради отстранувањето на општествена сегрегација, со што влеваат чувство на припадност,
*униформите го намалуваат злоупотребувањето и насилството помеѓу учениците бидејќи се намалуваат општествените конфликти заради намалената можност за осудување на различните,
*учениците се под помал притисок што да облечат пред да тргнат на училиште,
*униформите се поевтината опција за родителите на подолг рок затоа што еден комплет може да се носи и по две учебни години,
*полесно се препознаваат „натрапниците“ кои влегуваат во училиштето, со што се обезбедува посигурно училишно опкружување,
* доаѓа до израз личноста на ученикот, а не неговиот изглед ,
*униформите го подигнуваат нивото на почитување на заедничкиот кодекс на однесување,
*училиштето има имиџ на сериозна, културна средина во која знаењето е важно.
За да не бидат засегнати учениците во процесот на донесување одлуки, тие сами ги бираа боите на униформите и нивните комбинации, а за изборот на фирма за изработка и квалитетот на материјалот беше задолжена комисија формирана на Наставнички совет од наставници и родители.
За дел од учениците униформите се доживуваат како наметнување во време кога демократијата поприма други димензии и подразбира право на персоналитет. Но и покрај сите предности и недостатоци сепак тие го имаат потенцијалот да го зголемат успехот во училиштето, чувството на припаѓање, дисциплината и еднаквоста, градењето на тимскиот дух, да го јакнат идентитетот на групата, како и да им овозможат на учениците да го сфатат концептот на „облекување,, со цел подобро да се подготват за превземање на идните улоги во карирата која е пред нив. Униформата не треба да се сфати како бедност на духот, туку напротив созревање и создавање сопствен автономен пристап кон соучениците. Таа е огледало за организирано училиште, дава белег и идентификација и секако може убаво и свежо да делува. Во училиштето, да не заборавиме, се создава атмосфера за учење, работа, натпревар во знаење, дружба, меѓусебно помагање и слично, а не престиж кој обележува личен статус.