Денес се слави споменот на едно време.
60 години јубилеј на СОУ „Методи Митевски – Брицо”.
60 години СОУ „Методи Митевски – Брицо “ е автентичност, оригиналност, идентитет, историја!
Свечено и скромно го одбележуваме Патрон празникот на училиштето со чувство на најдлабока почит кон делото на нашиот патрон Методи Митевски – Брицо.

Со задоволство и гордост го гледаме изминатиот 60 годишен пат по кој врвеле многу генерации ученици, професори и друг вработен персонал. Самиот факт од долготрајното опстојување на нашата воспитно-образовна установа нè задолжува да се потсетиме на нејзината историја и нејзиното значење и улога во развојот на нашиот град, но и пошироко на нашата држава.
Почетокот на нашата приказна е во далечната 1961 година кога Гимназијата започнува да работи како првата Гимназија “Браќа Миладинови” во градот. Во 1963 година Гимназијата го добива името на првоборецот од НОВ од Делчево, Методи Митевски Брицо, кој е исклучително заслужен за повоениот развој на ова заостанато подрачје.

Оттогаш па сè до денес бележиме многу промени, многу реформи во работата на Гимназијата, но постојан е стремежот за надградување на квалитетот и осовременување на воспитно-образовниот процес. За време на своето постоење и работење Гимназијата растеше и постепено го градеше ликот на една успешна воспитно-образовна институција во државата. Својот професионален, стручен и личен ангажман во неа го вградија многу професори коишто со посветеност и ентузијазам пристапуваа кон својата благородна професија. Гимназијата стана дел од животот на многу млади луѓе кои своите најубави младешки спомени ги носат токму од средношколските клупи. Тие, некогаш млади луѓе желни за знаење, денес се успешни професионалци во различни области, научници, лекари, политичари, уметници, економисти, кои се гордост на нашата гимназија и кои со своите стручни знаења и заложби даваат огромен придонес во развојот на нашата држава. Еден дел од некогашните ученици денес се наследници на нивните професори во Гимназијата.
СОУ „Методи Митевски – Брицо“ денес е модерна образовна установа која ги следи сите актуелни новитети во поглед на унапредувањето на воспитно-образовниот процес. Наставата се одвива со примена на наставни форми и методи кои ги доближуваат наставните содржини до ученикот на новото дигитално време.
Опремена е со современи наставно-нагледни средства и помагала кои го поттикнувааат и зголемуваат интересот на учениците, а професорите перманентно стручно се усовршуваат. Во средиштето на сите активности во Гимназијата е ученикот кој има можност да ги искаже и развива своите способности и афинитети во најразновидните наставни и воннаставни активности и да се докажува на многубројните конкурси и натпревари. Нашите ученици се нашата гордост, нивните успеси се наши успеси и признанија за нашата работа.
Прославувањето на јубилејот–60 години од постоењето, нè обврзува да продолжиме со уште поголема ангажираност и вложување во работата за постигнување на уште поголеми резултати во воспитно-образовниот процес. 60 години постоиме и нашите амбиции и стремежи се секогаш насочени кон понатамошно растење, кон напред, кон подоброто, кон поубавото, кон иднината.
Спречени од пандемијата, но во духот на младиот херој и во духот на сите изминати генерации ученици со прогресивни идеи и заложби за подобро утре, веруваме дека во некое подобро време ќе можеме достојно да ги одбележиме сите јубилеи кои овие 2 години ги пропуштивме.
Дотогаш да останеме во добро здравје и да го чуваме споменот и на нашиот патрон и на нашето училиште.
Честит патрон празник на сите сегашни и поранешни ученици, на сите професори кои оставиле и оставаат печат во историјата на СОУ „Методи Митевски – Брицо” и сите соработници кои изминатите 60 години дале свој придонес СОУ „Методи Митевски- Брицо“ да биде препознатлив бренд во градот и пошироко.
СОУ„Методи Митевски – Брицо “ е траен белег на едно постоење, непрекината врска на генерациите, наша сегашност и иднина. И надеж дека засекогаш тоа и ќе остане!
Во следното видео, погледнете ја свечената програма подготвена од нашите ученици и професори по повод патрон празникот на СОУ „Методи Митевски – Брицо”.