Што е Центар за кариера?
Центарот за кариера е наменет за учениците кои сакаат да добијат насоки за развој на нивната кариера и подобрување на вештините за вработување.
Главни цели на Центарот за кариера се:
– запознавање на учениците со различни кариерни можности
– давање помош на учениците во донесување издржани одлуки во клучните фази од нивното образование (вклучително и селекција на изборни предмети во средно образование)
– усогласување на вештините потребни на пазарот на труд со оние со кои се стекнуваат во училиштата
– подобрување на квалитетот на понудата на идни работници во Македонија
– успешно претставување на младите на потенцијалните работодавачи
– успешно влегување на младите во светот на работа
– останување на добро работно место
Што е професионална ориентација и кариерно советување?
Професионалната ориентација е наменета за учениците од основните и средните училишта, а обично опфаќа тестирања (тестови на способности, лични карактеристики, професионални интереси) и интервјуа кои имаат за цел да ги соберат потребните информации за ученикот (интереси, таленти, мотивации, вредности и сл.). Процесот вклучува и дел на психолошко советување кое подразбира сумирање на резултатите од проценката и надминување на потенцијалните препреки на ефикасноста во реализирањето на кариерниот план.
Кариерното советување во основа е слично на професионалната ориентација со тоа што процесот е прилагоден на потребите на учениците кои сакаат да го испитаат и преиспитаат својот избор. Во однос на професионалната ориентација значајна е разликата во примената на додатни тестови кои се однесуваат на самиот кариерен развој, како и темите на кои е фокусирано интервјуто со заинтересираниот ученик. Психолошкото советување е усмерено на составување на индивидуален кариерен план и ојачување на личноста (ученикот) за превземање на сите потребни чекори во неговата реализација.
Не само што после професионалната ориентација/кариерното советување ќе ви биде јасно кои се вашите потенцијали и по кој пат е најдобро да тргнете за да ги остварите, туку ќе направите и јасни патокази на тој пат. Затоа, ако се пронајдовте во некоја од опишаните групи, не се двоумете да го направите важниот чекор. Креирајте го вистинскиот избор…
Кариерно советување – Како до правилна одлука?
Во донесувањето на одлуката за идната професија или правецот на понатамошниот развој на вашата кариера може да ви се случи да залутате…
Искуствата и советите на родителите, роднините или пријателите можат да ви дадат одредени патокази и размислувања, но не би било добро да бидат пресудни за вашиот конечен суд. Иако тие многу добро ве познаваат бидејќи се ваши блиски, тие често ги земаат во обзир многу мал број од факторите пресудни за овој проблем: успешноста на самите нив во некоја работа, имаат „врска“ за запослување во одредена фирма, денес тоа е барана струка, во таа работа „има пари“ и сл. Сите овие критериуми се оправдани, но многу често долгорочно се неодржливи – тоа што вашите родители/пријатели/роднини се успешни во тоа, не значи дека ќе бидете и вие; „врската“ за запослување може утре да пропадне; ако некоја професија денес финансиски е исплатлива, прашање е дали ќе биде за неколку години… Затоа најдобро решение ќе биде да се свртете кон сопствените интереси, потенцијали, талентот, вредностите, изворите кои ве мотивираат и врз основа на тие информации да го креирате својот избор.
Меѓутоа, проблемот настанува кога за овие карактеристики често самите не сте свесни дека ги поседувате – доколку се запрашате сами што е она што јас добро го работам и мене ме интересира, многу често се наоѓате во незнаење. Од тие причини помошта на стручњак-советник за кариера во разрешувањето на овие дилеми е многу значајна. Различниот број на алатки за проценка на сите аспекти неопходни за донесување на вистинската одлука кои Советникот ќе ви ги понуди ќе бидат од ваша огромна корист. Затоа, првиот чекор кој секако може да ви помогне да ја изберете професијата која ви одговара, или својата сегашна кариера да ја усмерите кон „идеалниот“ правец, секако е професионалната ориентација и кариерното советување.
Главни цели на програмата за работа на Центарот за кариера при СОУ „М.М.Брицо“:
- Промоција на Кариерниот Центар,
- Промоција на училиштето,
- Соработка со АВРМ за истражување на потребите на пазарот на трудот,
- Соработка со поголемите фирми во општината (бизнис сектор),
- Воспоставување на соработка со невладин сектор,
- Работилници и обуки,
- Кариерно советување
Одговорен кариерен советник: Демирова Желеанка