Еве не на последниот ден на вашето гимназиско образование, часови на кои го обработувате најтешкиот материјал, материјалот за разделба. Ја затварате последната страница. После овој ден, веќе ништо нема да биде исто. Вашето доаѓање на училиште завршува, седењето во училишните клупи и исчекувањето на најдобриот пријател, вашиот спас, ѕвончето, да заѕвони за одмор веќе ќе го нема, се оставате зад себе.
Има многу спомени кои не врзуваат, многу смеа, солзи, среќа, песни, прегратки, многу пријатели и се надеваме дека и понатаму ќе бидат тука иако секој од вас тргнува по свој пат, следејќи ги своите желби и соништа со цел да оствари своја кариера.
Од самиот почеток, од прва година на сите ни се чинеше дека има толку многу време до крајот, до матурантите ве делеше цела вечност. Годините минуваа, а училиштето никако да заврши. Сега, кога ќе погледнеме назад заедно со сите ученици, новите стекнати пријателства, вашите класови, вашите класни раководители, вашите професори, вашето училиште и сите вработени во училиштето деновите како да станаа секунди, времето прелета, годините поминаа и ете ве сите овде на крајот на вашето средношколско образование.
Сигурно се сеќавате како дојдовте збунети и не се снаоѓавте во многу нешта. И после четири години поминати заедно сите вие матуранти пак сте збунети, но поради тоа колку многу сте се промениле и станале луѓе спремни за нови животни предизвици.
Сакаме да ви кажеме дека сме неизмерно горди на вас. Во време на неизвесност, покажавте дека во текот на минатите четири години сте ги научиле сите оние важни лекции. Не оние од книгите, туку оние кои се учат меѓу редови, на ходниците на училиштето, на оние многубројни проекти, воннаставни активности, излети, дружења, малите и големи одмори. Сега покажавте серозност, одговорност и зрелост и успешно го завршивте вашето школување во услови во кои некогаш се чинеше дека тоа ќе биде невозмножно. Ви честитаме на тоа.
Веројатно ќе ви се чини дека некој ви го украл последниот, оној најубавиот месец во училиштето, затоа немојте да дозволите некој да ви ги украде месеците и годините кои се пред вас. Сега одите понатаму, сами барајќи го својот пат. Запомтете, не постои исправен пат, постои само ваш пат. Некогаш тој пат ќе биде лесен, некогаш тежок, ќе наидувате на работи кои ќе ве плашат, некои ќе ве радуваат, некои ќе ве мамат. Бирајте умно и бирајте со срце и секогаш ќе знаете што е најдобро за вас. Од љубов и со љубов градете ги вашите патишта, бидете луѓе и тогаш кога е тешко да се биде човек.
Во морето нови лица кои треба да ги запознаете, не ги заборавајте оние старите, вашите професори кои беа со вас од самиот почеток, од вашите први чекори направени во средното училиште, вашите пријатели кои го вложија сето нивно знаење за гордо да одите понатаму и да создавате за сите нас подобро утре и кои ви овозможија да спознаете и други вредности за кои можеби воопшто не сте знаеле дека ги имате. Секако најбитни се животните лекции со кои подобро се запознавте самите себеси, кои ќе останат запаметени засекогаш и ќе ги носите со себе во понатамошниот живот.
Ова е вашата разделба и од училиштето и од професорите, но немојте да тагувате поради разделбата. Новото сеуште не е тука, а старото веќе е изгубено во времето. Одете кон нови победи, понатаму низ животот. Ви посакуваме на сите се најдобро, но најмногу од се ви посакуваме храброст, верувајте во себе и никогаш не се предавајте.
Вашите професори